Third Chapter

за будни сонувачи…

26
јан
2012

Верност

by

Рој воздишки подарени на гибелта

што чека во заседа зад некој остар раб…

Зарем ноќта не не’ осами доволно,

па бараш мрак во презирот

и се прераѓаш од темната утроба на

се’ уште неразлистена пролет?

Не топи се во мене,

немам светлина за нашето синило,

немам ветрови за нашите нишалки,

немам усни за нашиот смев…

Те испраќам на рамноденица,

да бидеш дно на моето езеро од желби,

да бидеш рамо на кое никој не се утешил,

оти јас не спиев со тебе…

Водев љубов со твојата верност.

16
ное
2011

Бесови

by

Не, тоа не се мои бесови.

Боса есен жолтее на мојот

персиски килим разгазен

со еуфемизми за „курва“.

Немам „воајерско“ против да ги

собереш лисјата пред погледот

што ти потврдува дека постоиш.

А тоа надвор не се мои бесови.

Див океан е,

заробен во гнасната чаша на светот.

Немам против ако отпиеш голтка

за да не се прелее врз скапиот кристал

на мојата проѕирна суета.

Не, не, надвор нема мои бесови.

Магрит го попуши,

зашто тоа сепак е луле,

а ти брзо проветри го просторот

од мене до тебе,

избркај го димот од тајни,

напудри го носот

и послужи ме…

Цел живот им љубоморам

на слатките вина

што чуваат воздишки.

05
сеп
2011

Прошка

by

И’ смислувам ново име на тагата,
нешто налик ветер или магла.
Сеедно, ветрот ќе ме однесе,
а маглата ќе ме ослепи.
О, Боже, гледаш ли,
моите крилја и гордоста на
прошката и’ ги дадов…
а простив без заслуги и почести…
Зарем поинаку бива
штом наведнеш глава оти
најдлабоко си љубел,
а најплитко си и’ верувал на љубовта?

03
сеп
2011

Првпат

by

„I’m the slow dying flower
In the frost killing hour
Sweet turning sour and untouchable…“

Всушност јас никогаш не сум пишувал за болка.

И никогаш не сум имал пресушено море во душата,

бесмислена вселена од лаги под дланките,

матен талог од сомнежи околу очите…

Првпат немам сила да се исправам среде

тешките облаци од неспокојна тишина,

и првпат проодувам со половина од себе,

удавен во вртлог од слики, мигови,

туѓи имиња и мириси, својства и кревети…

Првпат сум сенка што умира недопирливо,

ѕид што спојува две празнини,

праг изгазен од стапки на лица со маски…

Првпат сум широка прегратка што задушува,

поглед што не распознава,

искреност што крвари зашто е чиста,

наивност што плаче зашто е детска…

14
јул
2011

Анаграм

by

Го растурам семето на илјадници страни

и си го земам името од претходни животи,

за ми избледи челото од твоето рамо…

Вселената е анаграм и сите нејзини болки

свртени наопаку се галаксии од љубов…

ТИ мора да знаеш оти блудникот во стих

е испосник во живот и оти

патникот на ѕвездени кочии

мора да се збогува со сите земни возови…